Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
 
 
Одлуки на Основниот Суд Скопје 2

22.03.2010   XXVIII П.бр.743/10

ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ

НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ II - СКОПЈЕ како првостепен граѓански суд и тоа судијата Антоанета Димовска како претседател на советот и судиите поротници Елена Гапковска и Светлана Настоска како членови на советот, постапувајќи по тужбата на тужителот Б.С.од Т. ул... против тужениот РМ Министерство. за надомест на штета поради неоправдана осуда вредност на спорот 2.000.000,00 денари, по одржаната главна, јавна и усна распрва на ден 04.03.2010 година во присуство на полномошникот на тужителот адв. Д.В. од С. и на советникот на државното правобранителство С.П. на 22.03.2010 година ја донесе и ја објави следната:



П Р Е С У Д А



ДЕЛУМНО СЕ УСВОЈУВА тужбеното барање на тужителот Б.С.од Т.


СЕ ЗАДОЛЖУВА тужениот Р.М Министерство. да му исплати на тужителот на име надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки поради неосновано лишување од слобода сума во износ од 250.000,00 денари со законска казнена камата сметано од 22.03.2010 година, па до исплатата во висина на референтната стапка на НБ на РМ што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за 8 процентни поени, како и да му ги надомести трошоците сторени во текот на постапката во вкупен износ од 26.982,00 денари се во рок 15 дена по приемот на пресудата.


Поголемото тужбено барање на тужителот за разликата од побараниот износ на име надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки поради неосновано лишување од слобода сума од 2.000.000,00 денари до досудениот износ од 250.000,00 денари како и за разликата од побараните трошоци сторени во текот на постапката во износ од 156.358,00 денари до досудениот износ од 26.982,00 денари, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.


О б р а з л о ж е н и е


Тужителот во тужбата и на расправата преку својот полномошник наве дедека со решение на Истражниот суд во Т. КИ.бр.53/2003 од 22.04.2003 година му била изречена мерка притвор заради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Тужителот врз основа

2.


на ова решение бил во притвор од 25.06.2003 година па се до 31.07.2003 година кога со решение КИ.бр.53/03 од 30.07.2003 година притворот е

укинат и е прифатена гаранцијата. Потоа е подигнат обвинителен акт и по спроведената постапка Основниот суд во Тетово донел пресуда К.бр.172/05 со која тужителот е ослободен од обвинение и оваа пресуда станала правосилна со решение на Апелоциониот суд во Скопје КЖ.бр.2643/05 од 27.12.2005 година. Во текот на постапката тужителот го прецизираше тужбеното барање на начин што тужениот да му исплати на име надомест на нематеријална штета поради неосновано лишување од слобода износ од 2.000.000,00 денари.


Докази предложи.

Трошоци побара.


Тужениот во одговор на тужбата и тужбеното барање наведе дека основот не е спорен со оглед на тоа што беа доставени докази дека тужителот се обратил до Министерството. но наведе дека побаранот износ е превисоко поставен и несоодвевствува на намената за која се досудува. Целта на институтот надомест на штета е правично оштетување, а не збогатување на оштетениот.


Докази не предложи.

Трошоци побара.


Судот откако ги допушти и изведе предложените докази и тоа: се прочита решение И.бр.53/03 од Основен суд Тетово од 30.07.2003 година, решение КС.бр.45/03 од 31.07.2003 година на Основниот суд во Тетово, пресуда К.бр.172/05 од 30.06.2005 година на Основниот суд во Тетово, решение на Апелационито суд во Скопје КЖ.бр.2643/05 од 27.12.2005 година, натпис од весникот Утрински весник рубрика дневник од 24.04.2003 година, од Вест од 14.05.2005 година, од Утрински весник од 15.03.2005 година, барање до Министерството. од 02.02.2007 година, договор за работа заведен под бр.02.527/01 од 03.01.2004 година анекс кон овој договор од 31.05.2002 година, оглас П.ТРЕГ 2506/03 од 03.02.2003 година од Основен суд Скопје 1 Скопје со решение П.ТРЕГ 2556/03 од 03.12.2003 година од Основниот суд Скопје 1 Скопје прилог 6,7 од регистрација, вешт наод и мислење од вешто лице д-р А. Н., па ценејки ги истите во смисла на чл.8 од ЗПП ја утврди следната фактичка состојба:


На тужителот со решение на истражниот судија на Основниот суд во Тетово КИ.бр.53/03 од 22.04.2003 година му била определена мерка притвор во траење од 30 дена, заради основано соменение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по чл.353 ст.4 вв со ст.3 од КЗ, а в.в. со чл.45 од КЗ. По ова решение тужителот бил ставен во притвор на 25.06.2003 година. Притворот му бил продолжен со решение КС.бр.42/03 од 25.07.2003 година, но на 30.07.2003 година истражниот судија на Основниот суд во Тетово донел решение КИ.бр.53/03 од 30.07.2003 година со кое била прифатена

3.


понудената гаранција со ставање на хипотека на недвижности

сопственост на тужителот и истиот бил пуштен на слобода. На 31.07.2008 година Основниот суд во Тетово постапувајќи по обинителниот акт на ОЈО Тетово КО.бр.135/03 од 31.03.2005 година, на 30.06.2005 година донел пресуда К.бр.172/05 со која пресуда тужителот е ослободен од обвинението од причина што обвинението не било докажано. Пресудата станала правосилна на 27.12.2005 година со решение на Апелациониот суд во Скопје КЖ.бр.2643/05 од 27.12.2005 година со кое решение жалбата на ОЈО Тетово изјавена против ослободителна пресуда е отфрлена како недозволена бидејќи Вишото јавно обвинителство Скопје се откажало од изјавената жалба. Тужителот во периодот од 16.03.2001 година до 13.01.2003 година бил извршен директор во АД М.П. а обвинението било поднесено токму во време во врска со оваа службена положба. Тужителот исто така пред притварањето беше поранешен пратеник во Собранието на РМ. Тужителот во притвор поминал 38 дена. Сега е на 46 годишна возраст. Во периодот на притварањето имал 41 година, оженет и татко на две деца. По професија е шумарски инжинер, бил директор, пратеник член на повеќе управни одбори и со самото притварање и водење на кривичната постапка на истиот му бил повреден угледот. Со притварањето и водењето на постапката на тужителот му била нарушена и честа поради што претрпел и душевни болки кои биле поинтензивни во првите три години по настанот за потоа истите да се намалат во интензитет. Со притварањето на тужителот му биле нарушени основните права како што е правото на слобода и сите права кои ги има како личност, да се занимава со својата професија да може да ги извршува своите животни активности што кај него предизвикало душевна болка. Тужителот со барање од 02.01.2007 година се обратил до Министерството. заради исплата на надомест на нематеријална штета но по истото не му било одоговорено и на 16.11.2007 година тужителот до овој суд поднел тужба.


Горната фактичка состојба судот ја утврди од доказите изведени во текот на постапката и истата не беше спорна помеѓу странките. Имено не беа спорни фактите дека тужителот бил во притвор 38 дена, дека истиот е ослободен од обвинението со правосилна кривична пресуда како и фактите по однос на тоа дека истиот има право на надомест на нематеријална штета.


Помеѓу странките беше спорна висината на надоместот на нематеријалнатата штета.


Судот најде дека тужбеното барање делумно е основано од следните причини:


Тужителот во целост ги исполнува условите од чл.578 ст.1 од ЗКП да оствари право на надомест на штета бидејќи е лице кое со правосилна пресуда е ослободено од обвинение во смисла на чл.580 ст.1 и 3 од



4.


истиот Закон, се обратил до Министерството. кое во рок од 3 месеци не одлучило по барањето на тужителот и сега тужбата ја

поднесува против Р.М.- Министерство.

Судот по однос на нематеријална штета одлучи во смисла на

чл.189 ст.1 од ЗОО (сл.весник на РМ 18/2001) кој утврдува дека за претрпени физички болки, за претрпен душевни болки поради намалена животна активност, за нагрденост, повреда на угледот, честа, слободата или правата на личноста, смрт на блиско лице, како и за страв, судот ако најде околности на случајот, а особено јачината на болките и стравот и нивното трање го оправдува тоа, ќе досуди справедлив паричен надомест, независно од надоместот од материјалната штета, како и во нејзино отсуство.


За судот нема сомневање дека тужителот претрпел душевни болки поради неосновано лишување од слобода.


Слободата, угледот, честа и сите лични права кои вклучуваат право на слободен избор,на слободно движење и се она што е основно човеково право, се права кој еден човек го прават личност. Со неоправданото притворање на тужителот било засегнато сето ова што кај тужителот во периодот од 38 дена колку што бил во притвор и се до донесување на правосилната ослободителна пресуда предизвикало огромна душевна болка. Судот во целост го прифаќа вештиот наод и мислење кој дава опсежен одговор на видот и интензитетот на душевната болка која ја трпел тужителот од причина што е направено од стручно лице, и кое дава одговор на сите клучни прашања. Овој тип на нематеријални штети во себе ги вклучуваат сите елементи на една човечка личност како што се угледот, честа, слободата и правата на личноста. Судот не може одделно да го гледа било кој од овие основи и пооделно да досудува надомест за секој од нив токму поради природата на шететното дејствие тоа е едно штетно дејствие што значи неосновано лишување од слобода, а засега во сите овие елементи и кога судот ќе најде дека се исполнети условите за надомест на нематеријална штета ќе досуди еден справедлив надомест. Всушност судот смета дека таква е интенцијата и на чл.578 ст.1 од ЗКП.


Судот смета дека надоместот кој се досудува не претставува компензација на повреденото добро бидејќи компензација на претрпените душевни болки со пари не е можна ниту пак целта на Законот е да се добие таква компензација. Надоместот на штета пред се е морална сатисфакција на тужителот. Судот смета дека досудениот износ од 250.000,00 денари претствува токму тоа, една морална сатисфакција, при што судот секако дека ги имаше во предвид фактите дека тужителот бил пратеник во Собранието на РМ, лице на определени раководни позиции во стопанството, но судот пред се треба и мора да ја има во предвид човечката димензија, а тоа е личноста на секој човек бидејќи секоја личност на која и е причинета штета заслужува правичен надомест.


5.

Судот за каматата одлучи согласно чл.266-а ст.1 в.в. со чл.266-б од ЗОО (сл.весник на РМ 18/2001 .....161/2009) и досуди камата сметано од денот на пресудувањето со оглед на тоа што висината на нематеријалната штета се определува на денот на пресудувањето.


Судот за трошоците одлучи согласо чл. 148 од ЗПП, и го задолжи тужениот да му ги надомести на тужителот трошоците сторени во текот на постапката во вкупен износ од 26.982,00 денари кои се однесуваат на трошоци за состав на тужба и еден поднесок по 3.900,00 денари и за присуство на полномошникот на тужителот на четириседум рочишта за секое по 4.680,00 денари. Судот овие трошоц ги досуди со 18% ДДВ, бидејќи адвокат Д.В.е ДДВ обврзник. Судот досуди такса за тужба износ од 60.000,00 денари во рамките на поставеното тужбено барање со тужбата и за одлука 40.000,00 денари во рамките на прецизираното тужбено барање. Од овие трошоци судот досуди 12,5% сразмерно на успехот во спорот. Судот во целост ги досуди трошоците за медицинско вештачење во износ од 8.500,00 денари како нужни трошоци.


Судот го одби поголемото барање за надомест на трошоците за разликата од побараниот износ 156.358,00 денари до досудениот износ од 26.982,00 денари од причина што судот трошоците ги одмери сразмерно на успехот во спорот.


ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ II СКОПЈЕ,

XXVIII П.бр.743/10 од 22.03.2010 година


Претседател на совет - С у д и ј а

Антоанета Димовска


ПОУКА: Против оваа одлука дозволена е жалба во рок од 15 дена по приемот на истата, преку овој суд до Апелациониот суд Скопје.


НАЛОГ ЗА ТАКСА: Се задолжува тужителот да доплати такса за тужба во износ од 57.000,00 денари и да плати такса за одлука во износ од 40.000,00 денари во рок од 15 дена од денот на приемот на пресудата, во спротивно истата ќе биде присилно наплатена зголемена за 50%.


ДН: - На адвокат Д.В.

- На ДП на РМ.




С у д и ј а



Назад